Во Македонија, селото Подлес се наоѓа јужно од Велес, односно југозападно од Градско (17 км). Селото е расположено на потоците Ризовец и Карапеовец во подножјето на Ветерско и Шумарот.
Селото е доста богато со вода. Има шест чешми (Маслинките, Долна чешма, Галабова чешма, Беговица, Црквата и Улица). Во околината на селото исто така има повеќе извори и чешми. Од кои попознати се: Калиманска чешма;
Празниторба; Даброво; Ливаѓе; Карапеовец; Орловец; Србиница; Вирот; Каракашица; Стан; Папучани и др.
Подлес е типично македонско село од збиен тип. Во селото се наоѓаат зачувани куќи со стара архитектура, кои се изградени со плочи и камења, со убави дрвени чардаци, а до куќите водат калдрмисани сокачиња.[3]
До селото води асфалтиран пат од општинското средиште Градско, а на самиот влез во селото се наоѓа и вештачкото Подлешко Езеро, кое неодамна било и уредено со видиковци.Соседни села на Подлес се: на запад Крнино, на север Крајници, Двориште, на исток Горно Чичево, Долно Чичево; Крушевица; Сирково; на југ Мрзен Ораовец; Попадија.
Подлес и останатите села од општина Градско расположени на источните падини на планината Клепа се дел од засебна етногеографска целина наречена Клепа. Оваа област спаѓа во поширокиот Повардарски етногеографски регион.
За време на Отоманската империја, селата околу планината Клепа биле организирани во истоимена територијално административна единица - нахија Клепа.
За настанокот на името на селото Подлес постои легенда меѓу населението. Северозападно од Подлес на оддалеченост од околу пет километри некогаш се наоѓала населбата Припор чие што население се занимавало со земјоделие и сточарство, а од стока се одгледувале: волови, коњи, магариња, овци и особено многу свињи поради доста погодните услови во околината побата со дабова шума со желади кои се основна и извонредна храна за нив[4]. Заради тоа свињите секогаш биле пуштани сами да се хранат со корени и желади, па еден ден свињата на некој си Ташо се изгубила во шумата, а тој барајќи ја насекаде стигнал во атарот на селото Подлес[4]. Наеднаш го слушнал незиното грофтање и по гласот открил дека свињата била скриена под ладовината на едно лесково дрво[4]. Откако се вратил со свињата во Припор, Ташо на селаните им одговорил дека свињата ја нашол под една леска кај еден извор, заради што тие се заинтересирани го посетиле местото и откако виделе дека едоста богато со вода и во заветрина решиле да се населат таму[4]. Така на местото околу и леската се основало кое заради пронаоѓањето на свињата на Ташо под леската било наречено Подлес[4]. Под името Подлес во Европа постојат уште три други села: две во Русија и едно во Бугарија.
Подлес во минатото било едно од поголемите села во општината Градско. Населението се занимавало со земјоделство, сточарство и пчеларство. Исто така доста било развиено и мелничарството. Во селото имало колонијална продавница и продавница за текстил, како и кројачка задруга. Во близина на селото се експлоатирал кус временски период и рудник за талк. Исто така кус период постоела и селска земјоделска задруга. Исто така постоела ковачка работилница, која се занимавала со производство на плугови за орање, алат за копање и обработка на земја, алат за дрво и др. Денес населението се занимава со сточарство и пчеларство.
Според пописот од 2002 година, во селото Подлес живеат 49 жители, од кои:
Македонци: 49
Во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години: (година/население)
1900-820, 1905-744, 1948-677, 1953-655, 1961-574, 1971-348, 1981-129, 1991-84, 1994-74, 2002-49
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.
Во селото моментално живеe едно семејство со две дечиња: сестричката Илина која посетува училиште во Градско со помалото братче Филип.
Селото Подлес од секогаш па сe до денес било населено само со Македонци од православна вероисповед. Повеќето родови се староседелци дојдени од некогашните населби во околината на Подлес - Селишта, Припор, Водник и др[4]. Герасиновци, Вражаковци, Јовевци, Џамбазови сите слават Свети Никола. Вражаковци го добиле прекарот по некој нивни дедо од пред 9 поколенија кој бил видовит човек и како селски кмет по налог на турската војска сместена кај Чичевското Кале морал секојдневно да обезбедува по 30 овци, леб и зоб за коњите[4]. Пред да си замине војската заповедникот го повикал Вражовко во шаторот и од него побарал да погоди колку кученца ќе окучи неговата загарка и тоа колку машки и колку женски, што Вражовко погодил, а истото се случило и со една кобила за која погодил какво ќе биде ждребето по што тој бил поведен со војската[4]. Родовите Чингаровци, Здравевци, Салмовци и Гурмовци слават Петковден, додека Јосивовци, Милевци, Прцеловци и Постоловци слават Свети Атанасиј[4]. Старинечки родови се и: Пастрмковци (слават Митровден) и Тошевци (слават Свети Ѓорѓи)[4]. Доселеничките родови во Подлес се делат на стари и нови доселеници. Стари доселеници се следните родови: Бошевци чиј предок Дедович Боше се доселил од Битолско или околината на Корча на почетокот на XVIII век, Страчковци, Мишковци (сите слават Св. Архангел), Левовци, Пецовци, Бинчевци, Маринци, Дејановци, Гондевци, Домазетови - се доселиле од кавадаречкото село Фариш во средината на XVIII век (сите слават Петковден), Крајничани (слават Св. Арангел) избегале од с. Крајници кон крајот на XVIII век како арамии кога селото им ја платило земјата и куќите и ги избркале, Секуловци пребегнале од Сирково на почетокот на XIX век[4]. Нови доселеници се: Таневци (слават Св. Никола) дошле во 1870 г. од Сарамзалино во Овче Поле каде работејќи на имотот на некој бег му останале должни при што ги откупил подлешкиот бег, Милошевци (слават Св. Богородица Пречиста) се доселил домазет од Грнчиште во 1900 година кај Чингаровци, Димитровци (слават Св. Архангел) се доселил домазет од Војница во 1908 година кај Бошевци, Таневци (слават Св. Никола) се доселил Поп Лефтер од Згрополци во 1908 година, Лазовци (слават Св. Никола) се доселил домазет од Шивец во 1911 кај Герасиновци[4].
Селото се наоѓа во Општина Градско, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес, додека во периодот по војната од 1955 до 1962 година селото било во рамките на некогашната општина Градско.
Во периодот 1952-1955 година, селото се наоѓало во тогашната Градска општина, во која покрај Подлес се наоѓале и селата Виничани, Водоврати, Горно Чичево, Градско, Долно Чичево, Убого и Уланци. Самата Градска општина била дел од Титоввелешката околија. Во периодот од 1950-1952 година, селото се наоѓало во рамките на тогашната Општина Долно Чичево, во која покрај Подлес, се наоѓале и селата Водоврати, Долно Чичево, Горно Чичево и Крушевица.
Духовден — главна селска слава, при што доаѓаат многу гости од сите соседни села. Во минатото за време на славата се организирале игранки на неколку места во селото. Исто така, биле организирани и фудбалски натпревари, на кои учествувале екипи од Долно Чичево, Сирково и други соседни села. За време на славата имало традиција посета на сите куќи во селото.
Едни од најпознатите жители:
Петар (Пешо) Самарџиев (1877-1906) — револуционер и војвода
Трајко Чундев (?-1949) — револуционер
Тодор Димитровски (р. 1922) — лингвист, книжевен историчар и теоретичар, преведувач