08/10/2022
76 ГОДИНИ ОД ПРЕНЕСУВАЊЕТО НА МОШТИТЕ НА МАКЕДОНЕЦОТ ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО ТАТКОВИНАТА МАКЕДОНИЈА!
7 октомври 2022 година, Скопје, Македонија - Светскиот Македонски Конгрес (СМК) потсетува дека на денешен ден, на 7 октомври 1946 година, пред 76 години, започна пренесувањето на моштите на великанот на македонското револуционерно движење од 20 век, Гоце Делчев, од Софија во Скопје - метрополата на нашата и неговата татковина Македонија!
Македонците, во знак на почит, три дена, на 7, 8 и 9 октомври 1946 година пеш го носеле ковчегот со моштите на Гоце Делчев од Софија преку Пиринскиот дел од Македонија, Струмица, Штип до Скопје.
СМК потсетува дека на 10 октомври 1946 година, Гоце Делчев е погребан во дворот на Македонската православна црква “Свети Спас“ во Скопје, до Калето.
Заветот е исполнет и коските на Гоце се донесени во главниот град на државата Македонија.
На 7 октомври 1946 година во Софија почнала траорната церемонија - пренесување на посмртните останки на големиот син на македонскиот народ Гоце Делчев, во Скопје, главниот град на тогаш Народна Република Македонија.
Гоце Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, а убиен е на 4 мај 1903 година во селото Баница, претходно предаден. Три години по убиството, во 1906 година, неговите останки биле откопани од Баница и минуваат долго патешествие. Имено, војводите Михаил Чаков и Таската Серски, една ноќ заминале тајно во селото Баница во Егејскиот дел на Македонија и ги откопале коските на Гоце Делчев, ги потопиле во шпиртус, ги ставиле во сандак и ги положиле до олтарот на црквата во село Баница, а клисарот Никола го задолжиле да ги чува.
За време на Балканските војни и Првата светска војна, селото Баница трипати било палено, а еднаш и црквата, но олтарот и сандакот со моштите на Гоце Делчев останале неоштетени. За да ги зачува коските, Михаил Чаков повторно заминал во селото во 1919 година, ги зел моштите и тајно ги пренел во куќата во која живеел, каде скриени во подрумскиот простор ги чувал четири години.
На Илинден 1923 година ковчегот со посмртните останки на Гоце Делчев по четири години е изнесен од куќата на Михаил Чаков и однесен на чување во просториите на Илинденската организација во Софија. Таа била организација на македонските револуционери - емигранти, кои биле следбедници на идеалите на Гоце Делчев за независна Македонска држава.
Пред да биде изнесен од домот на Михаил Чаков, на ковчегот е запишан заветот: “Ги заколнуваме поколенијата, светите коски да бидат погребани во идната столица на независна Македонија! Август 1923, Илинден“.
Пренесувањето на коските на македонскиот револуционер од просториите на Илинденската организација во 1923 година било снимено со камера од македонскиот револуционер и публицист Арсениј Јовков, во документарниот филм “Македонија“. Филмот набргу бил забранет од бугарските власти, а една година подоцна, во 1924 година, Арсениј Јовков бил заклан по наредба на бугарскиот слуга Ванчо Михајлов.
Конечно, во 1946 година завршува патешествието на светите Гоцеви коски од Егејска низ Пиринска во Вардарска Македонија. По пат и во сите населени места каде што моштите поминале, Македонците масовно ги пречекале и испратиле.
СМК потсетува дека веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Македонија побарала од Софија коските на Гоце Делчев да бидат пренесени во Македонија. Според некои извори, тоа го побарал Димитар Влахов, кој имал блиски релации со тогашниот бугарски претседател Георги Димитров.
Предавањето на моштите на Гоце Делчев било одобрено од Георги Димитров, чие потекло е од Пиринскиот дел од Македонија.
На испраќањето, Тодор Павлов, член на Бугарската Академија на науките и регент на Бугарија, одржал говор во кој меѓу другото рекол:
“Гоце Делчев можеме слободно да го сметаме за основач на Македонскиот Народно-ослободителен Фронт кој во нашето време успеа да ја воспостави слободна и суверена Македонска Држава, која слободно и самостојно се определи да стане рамноправна република во Титова Федеративна Југославија. Гоце со целата своја револуционерна активност и мисла, силно придонесе за основањето и развојот на македонската национална свест, македонска, а не бугарска или српска! Во едно од неговите писма Гоце напишал: ‘Како не се најде од мајка роден да напише барем една книга на македонски јазик’. Да беше Гоце сега жив, ќе му се наполнеше срцето да види дека денеска во Македонија се печатат многу книги, не само поезија и не само историски книги, напишани на литературен Македонски јазик. Овој чин, пренесувањето на останките на Гоце Делчев во новата слободна престолнина на Македонската Држава ќе биде од огромно историско и симболично значење, зашто ќе помине низ Пиринска Македонија. Македонија може, треба, и ќе биде обединета во нејзините природни и историски граници! Така обединета, силна, еманципирана, суверена и во секоја смисла прогресивна, ќе стане моќна алка која ќе ги спојува балканските демократски народи. Да живее слободна, суверена, Народна Република Македонија, сонот на нејзиниот бесмртен син Гоце Делчев!“
Моштите на Гоце Делчев се наоѓаат во саркофаг во дворот на Македонската православна црква “Свети Спас“ до Калето во Скопје, каде се чествува името и делото на Гоце Делчев, секоја година на Денот на раѓањето 4 февруари и на Денот на на убиството 4 мај. Положувањето на коските во саркофагот во дворот на црквата “Свети Спас” било извршено на 10 октомври 1946 година.
Вечна му слава и Царство небесно каде што почиваат душите на праведниците за великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев кој го препознаваше “светот како поле за културен натпревар меѓу народите“.
Впрочем, Гоцевата мисла “светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ не е само како негова лична импресија, туку претставува експресија на генетскиот код на Македонската цивилизација како цивилизација на мирот и љубовта наспроти војната и омразата, како цивилизација на толеранцијата и коегзистенцијата наместо на дискриминацијата и сегрегацијата, и како цивилизација на културниот глобализам кој подразбира интеграција со афирмација на помесните етноси, јазици, религии и култури, наспроти корпоративната глобализација која врз основа на профитните интереси на мултинационалните корпорации врши интеграција со асимилација на помесните етноси, јазици, религии и култури, се’ до нивна физичка ликвидација од земјината топка, како што британскиот империјализам за последните неколку стотина години, стотици етноси, јазици, религии и култури избриша од планетата Земја!
Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот! Амин!
СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС
https://www.facebook.com/todor.petrov.355/posts/pfbid0dNe3bwXZDYvEAzdt36vEw28atrdoh8muFweHsfyw6A5LpKC9h65i7AKPsJbEzkqAl